БРАЧНА ДВОЈКА ОД БЕЛГИЈА ВДОМИ ДИВА СВИЊА КОЈА ИМА СВОЈ КРЕВЕТ ВО НИВНАТА КУЌА

Белгија, (Ројтерс)

Брачна двојка од Белгија вдомила дива свиња која сега живее внатре во нивниот дом.

Грегори Гио го пронашол вепарот кој се вика Оскар како мало прасе за време на лов со неговите кучиња и решил да го земе привремено за да се грижи за него. По повеќе од една година, Оскар, кој е тежок 80 килограми, сè уште живее со нив и има свој кревет, како и свои перници и ќебе.

„Не планиравме да го задржиме, туку да го спасиме и потоа да го ослободиме, но се приврзавме за него“, изјави сопругата на Гио, Тифани Пјер.

Оскар бил одведен на фарма, но таму одбивал да јаде и за една недела го повикале семејството Гио да си го земат назад. Оскар сега има голем апетит, па дури проголтал и стап за риболов. Тој им дава знак на своите сопственици кога има потреба да излезе надвор.