БРАЈАН АДАМС СО ШИРОКА НАСМЕВКА ЈА ПРИМИ МОЈАТА РАЧНО ИЗРАБОТЕНА ЈАКНА СО НЕГОВ ЛИК, ВЕЛИ ДИЗАЈНЕРОТ САТЈА ГРАБУЛОСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонскиот дизајнер Сатја Грабулоски, кој е познат по изработката на уникатни и оригинални патики за светски познати спортисти и музичари, му подари рачно изработена јакна на канадскиот музичар Брајан Адамс, кој на 27 април одржа концерт во Скопје. На јакната, тој го нацрта ликот на Брајан Адамс, а му ја предадоа Бобан Милошески и неговата ќерка Миа од „Авалон“ по концертот во салата „Јане Сандански“ што го организираа тие.

Тимот на „SWithaDot“ работел околу 180 часа на јакната. Освен ликот на славниот музичар, на самата јакна е испишан и насловот на неговиот најнов сингл „Roll Up the Punches“.

Миа и Бобан Милошески од „Авалон“ со Брајан Адамс и рачно изработената јакна на Грабулоски (Фото: Приватна архива)

Грабулоски, кој низ годините правеше чевли и патики за многу славни музичари, вклучувајќи ги Дуа Липа, Стив Аоки, Мајли Сајрус и многу други, вели:

„Не успеав да се видам со Брајан Адамс, но ми раскажаа за неговата реакција“, ни рече дизајнерот.

„Јакната е рачно составена од потврдени вегански материјали, бидејќи Брајан Адамс е веган. Целиот процес на составување, а потоа и на сликање траеше приближно 180 часа рачна работа на целиот наш тим. Темата на дизајнот е неговиот последен сингл, а идејата да направиме јакна за Адамс, наместо патики, потекна од мојата мајка, која ја обожава неговата музика“, вели Грабулоски, кој е син на познатата костимографка и професорка Лира Грабул и внук на уметницата и архитектка Искра Грабул и вајарот Јордан Грабул, автори на споменикот „Македониум“ во Крушево.

Сатја Грабулоски додава дека тој и неговиот тим веќе шест години подготвуваат рачно нaсликан подарок „Добредојде во Македонија“.за секоја позната личност од странство која доаѓа кај нас.

„Идејата ни е да им покажеме дека земјата во која доаѓаат ги цени, но и да го рашириме талентот на нашите уметници низ светот. Таков беше и случајот со Брајан Адамс, чија реакција беше искрена, со широка насмевка и едно долго ‘вау’. Очекуваме да ја носи јакната на некој од неговите следни настапи“, вели Грабулоски.

М. ЏАРОВСКА