Брајан Адамс, Стинг и „Симпли Ред“ се светските ѕвезди кои со свои концерти ќе ја отворат сезоната во австрискиот скијачки центар Шладминг-Дахштајн, беше кажано на прес конференција во центарот.
Лани, спектакуларен концерт одржа Роби Вилијамс, а организаторите очекуваат полн капацитет и годинава, околу 45.000 гости.
Брајан Адамс ќе ја отвори серијата концерти в петок, на 6 декември. Тој ќе ги испее своите стари хитови како и песните од новиот албум, кој го напиша за време на пандемијата. Стинг ќе одржи концерт со своите најголеми хитови на 7 декември. Мик Хакнал од „Симпли Ред“ го слави 40-годишниот јубилеј на сцената со турнеја. Концертот на 8 декември во Шладминг е дел од неа.
За првпат откако е отворен зимскиот центар, три суперѕвезди ќе ја отворат скијачката сезона во три последователни дена. Регионот за одмор Шладминг-Дахштајн и концертниот промотор Клаус Леутгеб сакаат да постават нови стандарди годинава. Гостите во центарот ќе можат да скијаат на ски патеки кои се долги вкупно 230 километри. 77 ултрамодерни жичарници и ски-лифтови, како и преку 100 ски куќички ја комплетираат листата на објекти. Во срцето на сето тоа е скијачката област со 4 планини, најголемата скијачка област во регионот, која нуди 123 километарска непрекината патека.
По двата лански концерти на поп-ѕвездата Роби Вилијамс, организаторите проценија дека имало вкупно 25.000 негови фанови. Вилијамс настапи на стадион со 50 метри широка бина и со 150 квадратни метри ЛЕД-екрани, окружен со планини покриени со снег.
Фото: Мик Хакнал од „Симпли Ред“, Стинг и Брајан Адамс за првпат ќе настапат на иста сцена, три дена по ред (Фото: Х.Стеинер)