Џесинда Ардерн објави дека оваа недела ќе се врати на своите премиерски должности и обврски, нешто повеќе од еден месец откако роди ќерка.
Таа и официјално ќе почне со работа в четврток, а за време на викендот, со семејството ќе се врати во главниот град Велингтон.
Новозеландската премиерка, која неодамна наполни 38 години, е само втората светска лидерка која се породи додека беше на функција. Таа ја роди ќеркичката Нив на 21 јуни и потоа кажа дека ќе земе петнеделно породилно отсуство.
Ардерн во меѓувреме ретко се појавуваше во јавност и сега на жителите на Нов Зеланд им се обрати преку видео на Фејсбук.
„Сите сме добро. Мојата рутина на читање владини документи малку се промени и сега вклучува и нишање бебе и тоа ми се најголемите вежби што ги имав во последните пет недели. Јас имам повеќе обврски истовремено како и секој друг родител што го имам запознато и затоа голем респект за сите нив“, кажа Ардерн.
Новозеланѓани со воодушевување одговорија на објавата на Ардерн, која пред една година прво стана лидер на најголемата опозициска партија, покренувајќи феномен наречен „Џесиндаманија“.