ДА НЕ ЧЕКАМЕ 65 ГОДИНИ ЗА НОВА САЛА ЗА ДЕТСКИОТ ТЕАТАР КАКО ФИЛХАРМОНИЈАТА, КАЖА РЕЖИСЕРОТ ИГОР ИВКОВИЌ ПРЕД ФЕСТИВАЛОТ „ИГОР МАЏИРОВ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од 1 до 5 октомври, во Театарот за деца и младинци (ТДМ) ќе се одржи Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“. Фестивалот почнува со претставата „Не ме чекај“ на театарот „Снег на трепките“ од Франција (19:30 часот). На 2 октомври од 11 часот ќе игра српската претстава „Тогаш кога се изгубивме“ од Краљево, а потоа од 19:30 часот е претставата „Палешка“ на Куклениот театар од Љубљана.

На 3 октомври од 11 часот игра претставата „На гости кај Кате и Фреда“ на театарот Бабец од Битола, а од 19:30 е „Си беше еднаш еден лав“ на Детскиот театар од Бања Лука, БиХ. Следнниот фестивалски ден почнува со претставата „Парадевојче“ на Националниот театар „Тоша Јовановиќ“ од Зрењанин, Србија. Од 17 часот е турската претстава „Светско шоу на ѕвездите“, а од 19 часот, „Дупка и копче“ на театарот „Илоко“ од Рим.

На последниот фестивалски ден, 5 октомври, играат претставите „Трагите на волкот“ на Младинскиот театар од Нови Сад (12 часот) и „О ла ла“ на Градскиот куклен театар од Риека (17 часот), а доделувањето на наградите „Франкенштајн“ е во 19:30 часот.

На 3, 4 и 5 октомври од 13 часот во ТДМ ќе се одржуваат работилници за креативно пишување.

„Театарот за деца и младинци постои 33 години и среќни сме што трета година по ред се одржува овој фестивал. Наместо да зборуваме за тоа каде оди детскиот театар и за продукцијата, ние зборуваме за финансии. Оваа година работевме напорно и си го поставивме прашањето ‘ќе нѐ биде или нема да нѐ биде’, но јас навивам за ова првото“, рече актерот Владимир Лазовски на денешната прес-конференција.

Режисерот Игор Ивковиќ кажа дека е време ТДМ да добие нова сала.

„Но, да не чекаме 65 години како Филхармонијата“, рече Ивковиќ.

Билетите за сите претстави чинат 150 денари.

М. ЏАРОВСКА