ДЕДО НА ШЕСТ ВНУЦИ ВЛЕЗЕ ВО ГИНИС КАКО НАЈСТАР ФУДБАЛЕР НА СВЕТОТ

Каиро, (Ројтерс)

Дедо на шест внуци и официјално беше признат за најстар професионален фудбалер на светот од Гинисова книга на рекорди.

Седумдесет и четиригодишниот Египќанец Езелдин Бахадер го прими признанието откако викендов го одигра својот втор целосен натпревар за третолигашкиот клуб Шести октомври. Тој дури не реализираше пенал, по што неговата екипа загуби од Ел Ајат спортс со 3:2.

Бахадер, кој на 3 ноември ќе наполни 75 години, дебитираше за Шести октомври во март годинава, по што пандемијата на коронавирусот го прекина неговиот обид да влезе во Гинис.

Некои од неговите внуци присуствуваа на историскиот меч во саботата. Бахадер притоа го собори рекордот на Израелецот Исак Хајик, кој имаше 73 години кога во април лани настапи за Макаби Ирони.

„Сонувам за тоа уште еднаш да го подобрам рекордот, колку да го направам предизвикот малку потежок“, изјави Бахадер, на кого му истече договорот со Шести октомври.