ЏЕЈМС ЕРЛ ЏОНС ЧЕТИРИ ДЕЦЕНИИ БЕШЕ ГЛАСОТ НА ДАРТ ВЕЈДЕР И ОБЕЗБЕДИ ТОЈ ДА СЕ КОРИСТИ И ВО ИДНИНА

Лос Анџелес, (АП)

Џејмс Ерл Џонс имаше актерска кариера долга 60 години, но она по што најмногу ќе биде запаметен е неговиот глас. Тоа беше длабок, тркалачки, славен контрабас, еднаш опишан како „звук што Мојсеј го слушнал кога му се обратил Бог“.

Џонс, кој почина на 93 години, беше гласот на Дарт Вејдер во оригиналната трилогија „Војна на ѕвездите“, но и Муфаса во „Кралот лав“, а се прослави и во театар и на телевизија.

Режисерот Џорџ Лукас го ангажирал Џонс да го позајми гласот на Дарт Вејдер зашто актерот во костимот, англискиот бодибилдер Дејвид Прауз, зборел со силен локален акцент. Џонс кажа дека не заработил многу од оваа улога, само 9.000 долари за првиот филм и ја сметал за работа на специјални ефекти. Тој дури побарал неговото име да не стои на шпицата на првите два филма.

Џонс, кој во најголем дел од детството пелтечел, последен пат беше гласот на Дарт Вејдер во „Подемот на Скајвокер“ од 2019 и три години подоцна објави дека официјално се пензионира од оваа улога. Сепак, тој обезбеди неговиот глас да живее засекогаш.

Во 2022, Џонс потпиша договор со „Лукасфилм“, кој сега ги поседува правата за рекреирање на неговиот глас со помош на вештачка интелигенција. Оваа опција првпат беше искористена во серијата „Оби-Ван Кеноби“.

(Фото: Гети)