Стивен Џерард се врати во англискиот фудбал по шест години. Првпат во кариерата тој ќе го има својот матичен клуб Ливерпул за противник откако денеска беше назначен за нов тренер на Астон вила.
Џерард одлучи да го напушти Ренџерс по три години, во кои му ја донесе првата шампионска титула по цела деценија пауза и потпиша три и полгодишен договор со Астон вила, која лошо ја почна сезоната. Неговиот претходник Дин Смит доби отказ во неделата по петтиот пораз во низа, оставајќи го клубот на 16. место.
„Астон вила е клуб со богата историја и традиција и неописиво сум горд што станав нејзин тренер. Клубот има амбициозни планови и ќе му помогнам да ги оствари“, изјави 41-годишниот Џерард.
Тој одигра 710 натпревари за Ливерпул и си замина во 2015 без да ја освои Премиерлигата. На „Енфилд“ ќе се врати на 11 декември, сега како тренер на Астон вила.