Конго пристигна на Светското ракометно првенство во Египет без големи амбиции, но за еден негов играч моментално најмногу се зборува. Станува збор за 26-годишниот пикер Готје Мвумби Тјери, чија корпулентна градба не е пречка да биде еден од најдобрите играчи во својот тим, па на првите две средби со Аргентина и Данска постигна по четири гола.
Мвумби е член на францускиот четвртолигаш Друкс, на чија интернет страница стои дека е висок 1,92 метра, а тежок „само“ 110 килограми. Францускиот ракометен сајт „Хендњуз“ открива дека Мвумби, всушност, има 137 килограми.
„Никогаш не сум ни сонувал дека ќе играм на светско првенство, па затоа давам сѐ од себе“, вели Мвумби за „Хендњуз“.
Фотографиите од Мвумби брзо се проширија на интернет, по што почнаа да го споредуваат со Шекил О‘Нил. Ова допре и до легендарниот кошаркар, кој на Инстаграм му упати поддршка на Мвумби.
„Не знам точно што се случува, но имам едно да ти кажам: живеј го твојот сон и бори се за тоа што си“, напиша О‘Нил.