Иконата на модната индустрија Џорџо Армани го прослави вчера 90. роденден како да е кој било друг ден – на работа.
„Не би можел да го живеам мојот живот на друг начин. Не би бил јас ако запрам. Кога бев помлад, мислев дека на 90 години ќе бидам на траен одмор. Но, работата е многу возбудлива, ми дава енергија, што навистина не можам да заминам“, изјави Армани за весникот „Кориере дела сера“.
Според весникот, тој првично планирал да го прослави роденденот со пријатели и семејството на југот на Франција, но по големиот успех на неговата ревија на Париската модна недела, одлучил да работи на новата женска колекција, што ќе ја претстави во октомври во Њујорк. Од неговата канцеларија потврдија дека Армани имал нормална работна недела, а за денеска го имал закажано првиот состанок во 9:30 часот.
Додека самиот Армани слави 90 години, неговиот славен истоимен бренд следната година ќе го одбележи 50-годишниот јубилеј.
Иако не покажува знаци на запирање, Армани посочи дека неговиот план за наследување ги вклучува неговите најблиски соработници Панталео Дел‘Орко и неговата внука Силвана Армани, кои ги водат одделите за машка и женска облека за сите негови брендови.
Во работата на дизајнерот отсекогаш бил најважен кројот. Во 1980-тите, Армани понуди моќни машки костуми кои ја одбележаа деценијата. Во 1990-тите дизајнираше софистицирани модели од свила што сè уште се носат на модните писти и црвените теписи.
Тој е првиот дизајнер на висока мода кој пренесуваше ревија на интернет. Еднаш рече дека „е важно да не се живее од носталгија“, па уште ги следи трендовите и е меѓу водечките во бизнисот, а најголемите ѕвезди му останаа верни долги години.
(Фото: АП)