ЏУЛИЈАН АСАНЖ ДОБИЛ ДВЕ ДЕЦА ДОДЕКА СЕ КРИЕЛ ВО АМБАСАДАТА НА ЕКВАДОР

Лондон, (Би-Би-Си)

Џулијан Асанж тајно станал татко на две деца додека живеел во амбасадата на Еквадор во Лондон, објави неговата партнерка.

Стела Морис откри дека е во врска со основачот на Викиликс од 2015 година и сега сама ги одгледува двајцата синови. Асанж пред една година беше извлечен од амбасадата откако Еквадор му го укина азилот и оттогаш се наоѓа во затвор во Лондон, иако САД и Шведска бараа негова екстрадиција.

Стела Морис се запознала со Асанж во 2011, кога станала дел од неговиот адвокатски тим

Морис, 37-годишна адвокатка од Јужна Африка, вели дека сега решила да прозбори за нивната врска, бидејќи стравува за животот на Асанж, сметајќи дека тој нема да преживее ако се зарази со коронавирус.

Таа откри дека се запознала со Асанж во 2011 година, кога станала дел од неговиот адвокатски тим. Асанж наредната година се засолни во еквадорската амбасада, со цел да избегне екстрадиција во Шведска, каде што беше обвинет за силување.

„Го посетував Џулијан речиси секој ден и многу добро се запознавме. Се вљубивме и во 2017 се свршивме. Тој преку видеоврска присуствуваше на раѓањето на нашите деца. Габриел сега има три години, а Макс една“, изјави Морис.