ДИПЛОМИРАВ ПСИХОЛОГИЈА ВО СОЛУН АМА РАБОТАМ КАКО ШАНКЕРКА И КЕЛНЕРКА ОД 15 ГОДИНИ, ВЕЛИ ТЕОДОРА НИКОЛИЌ, ПОБЕДНИЧКАТА НА ДРЖАВНОТО ПРВЕНСТВО ЗА БАРМЕНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Единствената девојка меѓу финалистите, Теодора Николиќ, победи на Државното првенство за бармени, кое се одржа вчера во Скопје. Комисијата најмногу го бендиса коктелот на 24-годишната скопјанка, која ќе ја претставува Македонија на Светското првенство за бармени на островот Мадеира во Португалија.

Токму патувањето на Мадеира ѝ бил мотив на Теодора да се пријави на натпреварот. Таа има дипломирано психологија во Солун, но вели дека во иднина се гледа во угостителството.

„Угостителството е 99 проценти психологија“, ни рече Николиќ, која во моментов работи како шанкерка.

Во финалето, Мартин Митревски го освои третото место (Фото: К. Попов)

„Иако завршив психологија, угостителството ми е вистинската професија, а работата како бармен ми е експресија да стасам до тоа што го сакам. Почнав да се интересирам за професијата бармен уште кога првпат почнав да работам, на 15 години, прво како келнерка, а потоа како шанкерка. И кога бев келнерка, сакав да работам на шанк. Отсекогаш сакав да работам, да не зависам од дома, иако никогаш не сум имала потреба од пари во однос на фамилијарен статус, ама сакав да сум финансиски независна“, ни рече Николиќ, пред да ја прогласат за победничка.

Тројцата финалисти Никола Анастасијески, Теодора Николиќ и Мартин Митревски (Фото: Приватна архива)

Таа дојде со голема група навивачи, исто како и другите двајца млади бармени кои успешно се претставија. Никола Анастасијески, кој има 21 година, го освои второто место, а Мартин Митревски третото. Тројцата ги презентираа своите коктели пред комисијата и направија шоу кое гостите го поздравија со аплаузи.

Никола Анастасијески го освои второто место (Фото: К. Попов)

„Никој ме нема учено да бидам бармен. Учев од гледање други луѓе како грешат и како јас сум сакала да биде. Коктелите обично ги поврзуваат со плажа, а кога сум на плажа, јас не пијам коктели затоа што не се добри, повеќе би се напила пиво“, вели победничката.

Пред натправарот, Здружението на бармени на Македонија за првпат го oрганизираше настанот „Скопје бар шоу“ за унапредување на ХоРеКа сегментот во туристичко-угостителскиот сектор во Македонија. Гостите пробуваа коктели, учеа за најновите трендови во барската и коктел индустрија, а се одржаа и семинари и мастер класови.

М. ЏАРОВСКА

Фото: К. ПОПОВ