„Дизни“ го комплетираше преземањето на забавната индустрија на „Фокс“ во зделката тешка 71 милијарда долари, што не само што ќе обедини некои од најуспешните филмски и ТВ-франшизи, туку и ќе создаде медиумска империја од досега невидени размери.
Компанијата „Волт Дизни“ ја затвори зделката непосредно пред полноќ по њујоршко време и со неа ги доби филмското и ТВ-студио на „Фокс“, мрежата „Еф-Екс“, „Нешнал џиографик“ и индискиот ТВ-гигант „Индија стар“.
Следен чекор е отворањето на стриминг сервисот „Дизни+“, со кој „Дизни“ ќе се обиде да го предизвика „Нетфликс“.
Откако претходно во својот каталог ги вклучи класичните цртани филмови на „Дизни“, „Војна на ѕвездите“, „Пиксар“, „Мапети“ и дел од ликовите на „Марвел“, компанијата сега ги добива и „Екс-Мен“ и „Дедпул“, но и голем број популарни серии, како „Модерно семејство“, „Ова сме ние“ и „Симпсонови“.
„Ова е исклучителен и историски момент за нас. Спојувањето на богатството и на креативните таленти на ‘Дизни‘ и на ‘20 сенчури фокс“ ќе создаде водечка глобална забавна компанија“, изјави претседателот на „Дизни“, Роберт Ајгер.