СЕКОЈДНЕВНО КОНСУМИРАЊЕ НА ПОМОЌНИ ВИДОВИ КАНАБИС МОЖЕ ДА РАЗВИЕ ПСИХОЗА, ВЕЛИ НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ

Лондон, (Ројтерс)

Луѓе кои секојдневно користат марихуана, особено нејзини помоќни видови како сканк, се изложени на повисок ризик да развијат психоза, вели студијата што била спроведена во Бразил и на 11 локации во Европа, вклучувајќи Амстердам, Париз и Лондон. Научниците заклучиле дека оваа група луѓе има трипати поголеми шанси да има епизоди на психоза од оние кои не консумираат канабис.

Доколку се користат видови канабис со повеќе од 10% ТХЦ, ризикот е пет пати поголем.

Сканк содржи поголемо количество психоактивна состојка ТХЦ од обична марихуана и може да предизвика психотични симптоми како халуцинации, заблуди и параноја. Студијата утврдила дека оваа врска е најсилна во Амстердам и Лондон, кадешто сканкот е подостапен.

Истражувачите велат дека ова е прва студија која го покажува влијанието на употребата на марихуана врз нивото на психоза кај населението.

„Како што државите ги менуваат законите за употреба на канабис, во интерес на јавното здравје важно е да се нагласат и нејзините негативни ефекти“, вели Марта ди Форти од Кралскиот колеџ за психијатрија, психологија и неуронаука во Лондон, кој го водеше истражувањето.

Таа проценува дека еден од пет нови случаи на психоза се поврзани со дневна употреба на канабис.