ЕЈДРИЕН БРОДИ ГО ОДРЖА НАЈДОЛГИОТ ГОВОР ВО ИСТОРИЈАТА НА ОСКАРИТЕ

Лос Анџелес, (АП)

Ејдриен Броди го собори рекордот за најдолг говор во историјата на Оскарите откако вчера беше награден за најдобар актер за филмот „Бруталист“. Педесет и едногодишниот Броди збореше пет минути и 40 секунди, надминувајќи го говорот на Грир Гарсон од 1943. Таа тогаш зборела пет и пол минути по добивањето на Оскарот за најдобра актерка за „Г-ѓа Минивер“.

По излегувањето на сцената, Броди плукна мастика и ја фрли кон својата партнерка Џорџина Чепмен, инаку бивша сопруга на Харви Вајнстин, по што го почна својот долг говор.

„Се чувствувам многу среќно. Глумата е многу кревка професија. Изгледа гламурозно и на моменти и е, но без разлика каде сте со кариерата и што сте постигнале, сето тоа може да помине“, кажа Броди, кој триумфираше и пред 22 години со „Пијанист“.

Броди збореше толку долго што дури побара да ја прекинат музиката што се пушта за крај на славеничките говори.

„Привршувам, ве молам, запрете ја музиката! Сум го правел ова и порано, не ми е првпат, ќе бидам краток“, рече Броди и продолжи да збори за важноста на темата на неговиот филм.

„Се молам за поздрав, посреќен и поинклузивен свет“, додаде тој.

(Фото: Шатерсток)