Актерот Енди Серкис собра над 280.000 фунти за хуманитарни цели откако 11 часа без престан го читаше романот на Џ. Р. Р. Толкин, „Хобит“.
Над 60.000 луѓе го следеа англискиот актер за време на предизвикот насловен „Хобитатон“. За време на читањето, Серкис смени неколку различни гласови, меѓу кои и на Голум, улогата со која се прослави во трилогиите „Господар на прстените“ и „Хобит“.
Серкис направи само неколку кратки паузи во текот на маратонското читање, па така и кога со минута молк низ Велика Британија се оддаваше почит на Денот на победата над фашизмот. Целта на предизвикот беше да се подигне духот на народот за време на рестрикциите поради коронавирусот, а парите ќе бидат поделени помеѓу две хуманитарни организации.