Леонардо ДиКаприо и Роберт де Ниро им понудија на обожавателите нешто што не може да се одбие – да се биде статист во нивниот следен заеднички филм „Killers of the Flower Moon”, што ќе го режира Мартин Скорсезе.

Ова е дел од хуманитарната акција „All In Challenge” која стартуваше од Холивуд со цел да им се помогне на ранливите категории погодени од пандемијата на коронавирусот, при што филмски, музички и спортски ѕвезди на аукција нудат ретки искуства. Така ДиКаприо и Де Ниро ќе му овозможат на еден фан да се појави во нивниот нов филм, а во акцијата се вклучија и Џастин Бибер, Бил Мареј, Кевин Харт, Метју Меконахи и Џастин Тимберлејк.

„Ако некогаш сте се прашувале како би изгледало да работите со големиот Мартин Скорсезе, ова е вашата шанса. Донирајте колку што можете во фондот и ние ќе одбереме некого од вас. Ќе имате можност да поминете ден на снимање со нас тројцата и, секако, ќе дојдете на премиерата“, рекоа оскаровците во нивната изјава на Инстаграм.

ДиКаприо и Де Ниро имаат играно во повеќе филмови на Скорсезе, но освен појавување во негов краток филм од 2015, ова ќе биде прв заеднички филм на холивудските великани.