АКТЕРКАТА САРА КЛИМОСКА ГО СНИМИ КРАТКИОТ ФИЛМ „НОВА ЕНЕРГИЈА“, ПО НЕЈЗИНО СЦЕНАРИО И РЕЖИЈА

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Заврши снимањето на краткометражниот независен филм „Нова Енергија”, кој е во режија и по сценарио на Сара Климоска, ко-режисер е Радован Петровиќ, а во продукција Јорданчо Петковски од „Нест продукција“.

Во главните улоги се: Сара Климоска и Тамара Ристоска, а во филмот играат и: Зоран Љутков, Александар Стоименовски, Мирјана Трпковска-Костовска и Елена Сековска.

Од продукцијата велат дека „Нова Енергија” ја следи приказната на две најдобри другарки кои низ взаемна емотивна и практична поддршка успеваат да создадат нов заеднички живот бегајќи од токсичноста на нивните партнери.

„Ова е филм кои создава две хероини и преку нив ја слави женската исклучителна и некршлива конекција и нуди свежа перспектива за женските односи која ретко се видени во секојдневните медиуми“, вели продуцентот.

Директорка на фотографија е Бојана Андриќ од Србија, која е потпретседателка на Светската асоцијација на сниматели ИМАГО. Во екипата се и: Горан Игњатовски (маскер), Михаил Панев (сценограф), Розе Трајчевска (костимограф).

Фото: Климоска на премиерата на филмот „Врба“ во Италија