Без разлика дали гледате крвопролевање во најнов холивудски блокбастер или во драма од Шекспир, постојат големи шанси црвената течност да е обезбедена од исто место: берлинската компанија „Криолан“.
Течноста што наликува на крв доаѓа во најразлични пакувања, од тенки епрувети до буриња од илјада литри. Менаџерот на компанијата Лоренц Кох има само еден услов: „Таа не смее да мириса на крв“.
Сместена во една дискретна уличка во германската метропола, „Криолан“ создава најразлични видови вештачка крв.
„Имаме најразлични барања. Понекогаш вонземјаните плукаат сина крв, а темнокафеавата крв е најчесто наменета за брутални хорор филмови. За театарски претстави, крвта не смее да биде многу проѕирна, а во филмовите не треба да е ретка. Имаме и надворешна и внатрешна крв, зависи како е ранет актерот. Најважно од сѐ е крвта да може да се испере од костимите“, вели Кох.
Тој откри два филма во коишто било испрскано најголемо количество од нивната крв.
„Таа течеше во потоци во ‘Мртов мозок‘ од Питер Џексон и во првиот дел на ‘Убиј го Бил‘ од Квентин Тарантино. Побарувачката по нашата крв не е намалена, и покрај зголемената употреба на компјутерски ефекти последниве години“, додаде Кох.