Поп-ѕвездата Бијонсе се придружува на кастингот за „Кралот лав“, во којшто ќе го позајми гласот за улогата на Нала.
Студиото „Волт Дизни“ ги објави имињата на актерите кои ќе бидат дел од најавената адаптација на анимираниот класик од 1994 година и со тоа ја потврди шпекулацијата која кружеше изминативе месеци дека токму Бијонсе ќе се најде во една од главните улоги.
Претходно беше објавено дека главните машки гласови ќе им припаднат на Доналд Гловер (Симба) и на ветеранот Џејмс Ерл Џонс, кој ќе ја повтори улогата на Муфаса. Во екипата се и Чиветел Еџиофор (Скар), Алфре Вудворд (Сараби), Сет Роген (Пумба), Били Ајхнер (Тимон) и Киген-Мајкл Ки (хиена).
Режијата му е доверена на Џон Фавро, кој работеше и на последната адаптација на „Книга за џунглата“.
Премиерата на филмот е закажана за 19 јули 2019 година.