БИВИС И БАТХЕД НАЈАВИЈА СНИМАЊЕ НОВ ФИЛМ

Лос Анџелес, (НМЕ)

Легендарните анимирани ликови од 1990-ите Бивис и Батхед се враќаат со нов филм на новата стриминг платформа „Парамаунт+“. Тие сами го најавија филмот преку кратко видео, но засега нема детали за содржината и за датумот на премиерата.

„Ќе правиме филм и ќе биде на ‘Парамаунт+‘“, велат тие во видеото, кое се случува преку Зум.

Минатата година, креаторот на серијата Мајк Џаџ потпиша договор со ТВ-мрежата „Комеди сентрал“ за снимање на две нови сезони.

„Се чини дека е вистинско време повторно да се биде глупав“, кажа Џаџ.

„Бивис и Батхед“ оригинално се емитуваше на Ем-Ти-Ви од 1993 до 1997 и во меѓувреме беше снимен и долгометражен анимиран филм.