Шведската компанија „Волво“ објави дека до крајот на деценијата ќе почне да продава само електрични возила. Таа постепено ќе ги исфрлува моделите со мотори со внатрешно согорување, вклучувајќи ги и хибридите.

Компанијата планира да направи големи вложувања во онлајн продажбата и поедноставувањето на своите производи.

„За да останеме успешни, ни треба профитабилен раст. Затоа решивме да инвестираме во иднината: електрика и интернет“, изјави извршниот шеф на „Волво карс“ Хакан Самуелсон.

Во иднина, муштериите ќе можат преку интернет да нарачаат возило со спецификации по сопствен избор.

Побарувачката по електрични автомобили се зголемува, особено во Кина, која е еден од најголемите светски пазари за нив.