Филмот „Чувари на формулата“ на српскиот режисер и актер Драган Бјелогрлиќ, вечерва (20 часот) во Синеплекс ќе го затвори 8. издание на Меѓународниот фестивал на дебитантски Киненова. Пред проекцијата, ќе бидат доделени наградите од жирито: Лех Мајевски, Дебора ван Дам и Дејан Дуковски.
„Чувари на формулата“, кој во Србија се нарекува „Српски Опенхајмер“, за инцидент со радијација во 1950-те во југословенскиот Нуклеарен институт Винча, во август освои две награди на фестивалот во Локарно, меѓу кои е наградата Пардо верде за која се квалификуваат сите филмови прикажани на фестивалот што „на публиката ѝ нудат нови интерпретации кои инспирираат промени во свеста за иднина која ќе има поголема одржливост“.
„Чувари на формулата” е копродукција меѓу „Кобра филм“ и „Тон филм“ од Србија, „Скопје филм студио“ од Македонија, „Перфо продукција“ од Словенија и „Битер фрејмс“ од Црна Гора, поддржани од националните фондови на овие земји и Еуримаж.
Бјелогрлиќ е и продуцент на филмот со Драган Шолак, а копродуценти се Мирослав Могоровиќ, Алеш Павлин, Андреј Штритоф, Томи Салковски, Ѓорѓе Војводиќ и Дејан Чакајац.