Дејвид Линч конечно го објави својот долгоочекуван краток анимиран филм „Пожар“, што беше најавен уште во 2015 година. Станува збор за соработка со американско-полскиот музичар Марек Зебровски, со кого во 2007 година заедно работеше и на музичкиот албум „Полска ноќна музика“.

„Целата поента на нашиот експеримент беше дека јас нема да кажам ништо за моите намери, а Марек ќе го протолкува визуелното на свој начин. Мислам дека ова беше успешен експеримент“, вели 74-годишниот Линч, кој е режисер, сценарист и аниматор на филмот.

Десет и полминутниот филм вчера беше пуштен на Јутјуб.

„Мислам дека филмот е многу меланхоличен и доста поетичен“, додаде Зебровски.

Дејвид Линч нема снимено долгометражен филм од 2006, а последниот голем проект му беше продолжението на серијата „Твин Пикс“, што излезе пред три години.