ДЕСЕТТИ МАКЕДОКС НОСИ 70 ДОКУМЕНТАРЦИ И МАКЕДОНСКА ПРЕМИЕРА НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Седумдесетина филмови ќе бидат прикажани на 10. издание на фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс, што се отвора денеска и на кој македонската публика конечно ќе има можност да го види победникот на Санденс, „Медена земја“. Неговата македонска премиера е закажана за 28 август, на затворањето на фестивалот, а од наредниот ден, филмот ќе биде на редовниот кинорепертоар.

Програмата на фестивалот е поделена на шест категории, при што Главната програма се состои од десет филмови.

За Земја во фокус е избрана Германија, во рамките на што ќе бидат прикажани осум германски документарци создадени во последните 20 години. Главна тема на фестивалот, кој се одржува под мотото „Десет лета МакеДокс“, е копродукцијата како алатка за создавање културни врски помеѓу државите и градење мостови за соработка помеѓу уметниците.

Најголемиот дел од програмата, традиционално, ќе се одвива во Куршумли ан, а проекции ќе има и во кината Фросина и Милениум.

За наградите „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и за етички идеи ќе одлучуваат пет комисии, составени од 15 странски и домашни автори.