СНИМАЊЕТО НА „МАТРИКС 4“ ЌЕ ПОЧНЕ ВО ПОЧЕТОКОТ НА 2020

Лос Анџелес, (Вараети)

Нов „Матрикс“ е реалност и неговата продукција ќе стартува во почетокот на следната година, објави „Вараети“.

Лана Вашовски, еден од креаторите на култната научно-фантастична франшиза, ќе биде сценарист, режисер и продуцент на филмот, кој засега нема наслов, а во своите улоги се враќаат и двете главни ѕвезди од првите три филма, Кијану Ривс и Кери-Ен Мос.

„Ворнер брос“ со години се обидуваше да најде начин за враќање во универзумот на „Матрикс“, чиј прв филм излезе во 1999 година и освои четири оскари. Засега нема детали за сценариото, ниту како ќе се изведе враќањето на Морфиус, што оригинално го играше Лоренс Фишбурн. Според некои извори, за оваа улога сега би можел да се земе некој помлад актер.

Првите три филма вкупно заработија 1,6 милијарди долари и нивни автори беа Лана и сестрата ѝ Лили.

„Многу од идеите за нашата реалност што јас и Лили ги истражувавме пред 20 години сега се уште порелевантни. Среќна сум што ги враќаме во живот овие ликови“, изјави Лана Вашовски.