„ДИЗНИ“ ГО НАЈАВИ ГОЛЕМОТО СПОЈУВАЊЕ НА „МАРВЕЛ“ И „ЕКС-МЕН“

Лос Анџелес, (Диџитал спај)

Извршниот директор на „Дизни“, Боб Ајгер, најави можност за влегување на франшизите „Екс-Мен“ и „Дедпул“ во универзумот на „Марвел“, како што неговата компанија е блиску до склучување договор за преземање на „20 сенчури фокс“.

„Мислам дека тоа има смисла. ‘Марвел‘ треба да биде надгледуван од само еден ентитет. Не би требало да има два ‘Марвели‘“, кажа Ајгер во интервјуто за „Холивуд рипортер“.

Запрашан дали Дедпул еден ден би можел да стане дел од Одмаздниците, Ајгер рече:

„Мислам дека претседателот на ‘Марвел‘ Кевин Фајџи има многу идеи, но не сугерирам дека таа е една од нив“.

Во јули, кога „Дизни“ сè уште наддаваше за „Фокс“, Фајџи откри дека сонува за спојување на универзумот на „Марвел“ и „Екс-Мен“.

„Нема да правам планови додека не постигнеме договор. Но, мојот голем план е 10.000 ликови да бидат под контрола на ‘Марвел‘. Сепак, не очекувајте ова спојување да се случи во скоро време“, изјави Фајџи.