ДОКУМЕНТАРЕЦОТ НА МКЦ, „ЕФТЕРКЛАНГ: МАКЕДОНИУМ БЕНД“, ЌЕ ИМА СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ФЕСТИВАЛ ВО КОПЕНХАГЕН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд”, во режија на Андреас Јонсен, ќе има светска премиера на 23 март 2024 на еден од најголемите светски фестивали за документарен филм CPH:DOX во Копенхаген.

Овој музички документарец се снимаше во април 2023 во продукција на Младински културен центар во Скопје и го следи патешествието на групата „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари, со цел да се состави голем ансамбл кој би извел перформанс пред споменикот „Македониум” во Крушево. Водич на Данците во истражувачката потрага беше уредникот на музичката програма во МКЦ, Владица Младеновски-Грга.

Премиерата ќе биде проследена со концерт на ансамблот „Ефтеркланг: Македониум бенд”, во кој членуваат 22 македонски музичари: 16 хористки од Женскиот младински хор при МКЦ и музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.