„’Патување пеш’ на Тамара Котевска е приказна раскажана преку силата на светските симболи за моќ, но директно укажува на нивните ограничувања“, вели критичарката на „Холивуд рипортер“, Шери Линден, за новиот документарен филм на македонската режисерка.
„Патување пеш“ (The Walk), вториот документарен филм на Котевска, ја имаше светската премиера на 9 ноември на Њујоршкиот фестивал на документарни филмови (Doc NYC), најголемиот американски фестивал за документарци. Претходниот филм на Котевска, „Медена земја“, што го сними со Љубомир Стефанов, доби историски две номинации за Оскар.
Филмот го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри која претставува дете-бегалче од Сирија, која го обиколила светот подигнувајќи ја свеста за бегалците. Филмот се снимаше две години во повеќе од 10 земји, како Сирија, Велика Британија и Јужна Африка. Патувањето на Амал, кој го бара своето семејство, завршува на Пикадили во Лондон, објасни Котевска. Куклата поминува пеш 9.600 километри и посетува 97 градови во 14 земји.
„Иако овојпат темата е малку подиректно политичка отколку во ‘Медена земја’, режисерката ја филтрирала низ креативни леќи, прикажувајќи една поинаква бајка. Како и со сите добри бајки, и оваа нуди повисока верзија на реалноста, спојувајќи го фантастичното со секојдневието“, стои во рецензијата.
Критичарката Линден исто така пишува:
„Осветлувајќи ја приказната која го добива вниманието на медиумите, ‘Патување пеш’ не се одлучува за заземање политичка страна или за предизвикување конфликт. Овој филм ја содржи сржта на животот, отелотворен во дрвена кукла – бегалец и е приказна излезена директно од срцето“.
Котевска на 1 септември говореше на гала настанот „Светла! Камера! Влијание!“ (Lights Camera Impact) на 80. Венециски филмски фестивал, при што го претстави и својот нов документарец. Главен продуцент на филмот е британската филмска компанија „Греин медија“, македонски копродуцент е „ОХО продукција“, а доби поддршка и од македонската Агенција за филм.