По повеќе од една деценија на владеењето на суперхероите на филмското платно, Еди Марфи го враќа ликот што тој го опишува како обичен човек. Тој се враќа како Аксел Фоли во „Полицаецот од Беверли Хилс: Аксел Ф.“, ново продолжение на комично-акцискиот серијал, кој започна пред 40 години. Филмот ќе излезе на „Нетфликс“ в среда (3 јули).
„Во последните 10-15 години сѐ беше компјутерски направено, со големи визуелни ефекти и суперхерои. Знаев дека во еден момент ќе му се вратам на ликот“, изјави 63-годишниот Марфи, кој на светската премиера во Беверли Хилс дојде со ќерките и со свршеницата.
Во новиот филм, Фоли работи како детектив во Детроит кога дознава дека неговата оттуѓена ќерка е во опасност во Беверли Хилс. Тој се враќа во градот со цел повторно да се поврзе со неа и да реши случај.
„Фоли не е Супермен. Тој е обичен човек кој не игра според правилата. Тој е тип на човек со кој би сакале да се напиете пиво“, кажа Марфи.
Четвртиот филм и прв од 1994 се обидува да ги долови изгледот и чувството на оригиналот без модерни специјални ефекти, а во акционите сцени се користени вистински каскадерски елементи.
Покрај Марфи, своите улоги ги репризираат и Џаџ Рејнхолд и Џон Ештон, а нови актери се Кевин Бејкон и Џозеф Гордон-Левит.
(Фото: АФП)