ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ „ПРЕКУ ЕЗЕРОТО“ ОД 8 ДО 15 ЈУЛИ ВО ДОЈРАН, ГЕВГЕЛИЈА И СТРУМИЦА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од 8 до 15 јули во Дојран, Струмица и Гевгелија ќе се одржи петтото издание на фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“. На денешната прес-конференција за програмата, гостите и новитетите зборуваа директорот на фестивалот Јани Бојаџи, селекторот Златко Гелески и извршниот директор, Дејан Милошевски.

„Оваа година по петти пат фестивалот на балкански и медитерански филм останува доследен на тоа да е фестивал на филмови од тој регион. Годинава за првпат фестивалот го регионализираме и ќе се одржи во три града: Дојран, Гевгелија и Струмица. Проекциите на филмовите од главната селекција ќе се одржуваат во Дојран, во прекрасна атмосфера на отворено, во Амфитеатарот кој гледа точно преку езерото. Годинава за првпат имаме кинематографија во фокус, а тоа ќе биде современата иранската кинематографија. Еден ирански филм ќе биде во селекција и ќе имаме светска премиера“, рече Јани Бојаџи.

Тој додаде дека ќе се одржи и работилницата на која се развива и се финансираа снимање на дипломски студентски краткометражни филмови.

Новина годинава е соработката со „Креативна Европа“ и организирање на работилница на актуелна тема, „Вештачката интелегенција и современата кинематографија“.

Селекторот на филмската програма, Златко Гелески рече дека се посветил на култури и филмови кои ги опфаќа Балканот и Медитеранот.

Во селекцијата на краткометражни филмови ќе има 15 филмови од кои половина се филмови од странство, а другата половина се македонски краткометражни филмови.

„Во студентската програма ќе има 12 филмови“, рече Гелески и дополни дека фестивалот и годинава ја има програмата за деца.

Дејан Милошевски, извршен директор на фестивалот рече дека на 10, 11 и 12 јули ќе се одржи работилницата за развој на сценарија под менторство на Александар Русјаков и секој што сака да биде дел од неа може да аплицира на веб страната на фестивалот.

 

Фото: СМАРТ.СДК.МК