Германската семејна комедија „Хаотичните сестри и пингвинот Пол“ на режисерот Мајк Марцук од денеска (13 март) игра во Кинотеката во Скопје и во киното Манаки во Битола во терминот од 18 часот, како и во Центарот за култура во Битола (мала сала) од 19 часот. Од денеска до 19 март е на репертоарот и на киното Милениум во Скопје, во работни денови од 18 часот, а за викенд од 16 часот.
„Хаотичните сестри и пингвинот Пол“ е адаптација на популарната книга „Die Chaosschwestern“ на Дагмар Х. Милер и ги носи познатите ликови на големото платно со неверојатна доза забава и емотивни моменти.
„Станува збор за приказна полна со хаос, смеа и еден посебен пингвин. Што се случува кога хаосот ќе се пресели во вашиот дом? Во семејството Мартини, четирите сосема различни сестри Ливи, Теса, Малеа и Кени ќе се соочат со авантура што ќе ги натера да ги здружат силите кога ќе го најдат пингвинот Пол кој избегал од киднапери. Во обид да го спасат Пол од злобните магионичари Мери и Марк, сестрите мора да соработуваат како никогаш досега“, вели дистрибутерот „Узенгија“ од Скопје.