По „Гладијатор“, Хоакин Феникс и Ридли Скот се обединија во уште еден епски воено-историски филм. „Сони“ и „Епл“ го објавија првиот трејлер за филмот „Наполеон“, во режија на Скот, а со Феникс во насловната улога.
„‘Наполеон‘ е оригинален и личен поглед на потеклото на Наполеон и на неговиот брз и безмилосен подем кон цар, гледано низ призмата на неговиот зависен и често нестабилен однос со сопругата и единствена вистинска љубов Жозефина. Филмот ги опфаќа и славните битки на Наполеон“, стои во најавата на филмот.
Ликот на Жозефина го игра Ванеса Кирби. Скот го напиша сценариото заедно со Дејвид Скарпа, со кого соработуваше на филмот „Сите пари на светот“.
Светската премиера во кината ќе биде на 22 ноември, а од наредниот ден ќе биде достапен на стриминг платформата „Епл+“.