„ЈОН ВАРДАР ПРОТИВ ГАЛАКСИЈАТА“ НА ГОЦЕ ЦВЕТАНОВСКИ ПОЧНА ДА ИГРА ВО КИНАТА ВО УНГАРИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ од вчера (27 март) се прикажува во киносалите во Унгарија.

Филмот викендов имаше специјална проекција за новинари и претставници на филмската индустрија во Будимпешта, во присуство на режисерот Гоце Цветановски и екипата од Унгарија која работеше на проектот.

„Унгарија последна влезе во копродукција, но прва ја заврши својата работа и тоа го направи одлично. Благодарен сум му на целиот унгарски тим, чиј придонес беше од суштинско значење за овој проект“, рече режисерот Цветановски.

„Јон Вардар“ е синхронизиран на унгарски јазик, а гласовите ги позајмуваат познатите актери Тамаш Маркович, Миклош Капачи и Герда Пикали.

Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Унгарија, Бугарија и Хрватска и е поддржан од Агенцијата за филм. Светската премиера ја имаше во октомври на 57. издание на Фантастик филм фестивал во шпанскиот град Ситџес, еден од најголемите и најстари жанровски фестивали во светот, а набргу потоа беше и домашната на фестивалот Киненова.