ЈУАН МЕКГРЕГОР ЌЕ БИДЕ ДЕНИ ТОРЕНС ВО ПРОДОЛЖЕНИЕТО НА ХОРОР КЛАСИКОТ „СЈАЕЊЕ“

Лос Анџелес, (Вараети)

Јуан Мекгрегор ќе го игра Дени Торенс во „Доктор Слип“, продолжението на хорор класикот „Сјаење“, што ќе се снима според истоимениот роман на Стивен Кинг.

Изворите велат дека самиот Кинг дал благослов за изборот на Мекгрегор за оваа улога.

Режисер ќе биде Мајк Фланаган, кој лани успешно адаптираше уште еден роман на Кинг, „Играта на Џералд“.

„Ворнер брос“ со години го развиваше овој филм, исто како и „Хотел Оверлук“, кој временски му претходи на „Сјаење“, но не успеваше да обезбеди буџет за двата. Ова се промени по ланскиот огромен успех на римејкот на „Тоа“, по што големите филмски компании повторно се заинтересираа за делата на Кинг.

Во „Доктор Слип“, кој треба да излезе во јануари 2020 година, Мекгрегор ќе ја игра возрасната верзија на синот на Џек Николсон од „Сјаење“, кој по преживеаното во хотелот „Оверлук“ станува алкохоличар и се вработува во медицинска установа. Таму запознава едно девојче, кое ги има истите психички моќ, па станува цел на група киднапери.