Бијонсе и Џеј Зи се појавија на црвениот килим на премиерата на филмот „Муфаса: Кралот лав“ во друштво на нивната 12-годишна ќерка Блу Ајви, за која ова е филмско деби. Таа го позајми гласот на ќерката на Симба и Нала, Кјара, додека Бијонсе се враќа во улогата на лавицата Нала.
Дејството се случува по настаните во „Кралот лав“, кога Рафики ѝ ја раскажува на Кјара приказната за нејзиниот покоен дедо Муфаса.
„Моето прекрасно девојче, ова е твоја ноќ. Работеше напорно и заврши толку убава работа со гласот на Кјара. Твоето семејство не може да биде погордо. Продолжи да блескаш“, напиша Бијонсе на Инстаграм.
Премиерата беше во театарот Долби во Холивуд, а медиумите пренесуваат дека моќната двојка покажа дека е посилна од кога било. Ова следува откако на 8 декември беше поднесена тужба против рап могулот Џеј Зи, во која се тврди дека силувал 13-годишно девојче заедно со Шон Комбс на една забава во 2000. Џеј Зи ги отфрли наводите и ја критикуваше тужбата, нарекувајќи ја „обид за уцена“.
(Фото: АП)