КЕВИН СПЕЈСИ ЈА ДОБИ ПРВАТА ФИЛМСКА УЛОГА ПО ОБВИНУВАЊАТА ЗА СЕКСУАЛЕН НАПАД

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Кевин Спејси ќе ја обнови актерската кариера по неколку години пауза откако добил мала улога во независен италијански филм, во режија на легендарниот Франко Неро.

Двократниот оскаровец го снема од јавноста по низа обвинувања за сексуален напад, што почнаа да се појавуваат во 2017 година. Тие беа причина Спејси да биде исфрлен од хит серијата „Куќа од карти“ и од филмот „Сите пари на светот“, каде што неговата замена Кристофер Пламер беше номиниран за оскар за најдобра споредна улога, а излегувањето на филмот „Гор“ беше откажано на неодредено време.

Според холивудските медиуми, Спејси ќе има камбек во нискобуџетниот италијански филм насловен „L’uomo che disegno Dio“, каде што ќе игра полициски детектив.

„Многу сум среќен што Кевин Спејси ќе учествува во мојот филм. Го сметам за голем глумец и едвај чекам да почнеме да снимаме“, изјави Неро.

Спејси беше еден од најценетите и најнаградувани актери во Холивуд пред да се појават сведоштва за неговото проблематично однесување, поради што се водат неколку судски спорови.