КИНА ГО ПРЕДИЗВИКА ХОЛИВУД СО СВОЈОТ ПРВ НАУЧНО-ФАНТАСТИЧЕН БЛОКБАСТЕР

Пекинг, (Гардијан)

Кина влезе и во филмска вселенска трка. „Wandering Earth“ е првиот кинески научно-фантастичен блокбастер и е на добар пат да стане филм со најголема заработувачка од оваа земја.

Тој заработи повеќе од две милијарди јуани (232 милиони фунти) за шест дена, откако беше објавен за Кинеската нова година на 5 февруари.

Сместен е во далечната иднина, кога Земјата се соочува со уништување од нестабилно сонце, па владите испраќаат мисии во вселената во потрага по нов дом за луѓето. Како што Земјата се доближува до Јупитер, грешка во системот води кон нивни судир.

Опишан како спој на „Армагедон“ и „2001: Вселенска одисеја“, филмот треба да ѝ донесе пробив на Кина во научната фантастика, жанр во којшто Холивуд доминира со децении, а во најава се уште два големи наслови.

„2019 ќе биде запаметена како нулта година за кинеските научно-фантастични блокбастери. Тука не зборуваме само за еден успешен филм, туку за појава на неколку. Ова не е патриотски филм, туку филм за спасување на луѓето“, изјави Франт Гво, директорот на „Wandering Earth“, што се базира врз истоимената книга на наградуваниот кинески автор Лиу Цишин.