„БРАЌА МАНАКИ“ ЌЕ СЕ ОДРЖИ НА 19 СЕПТЕМВРИ, КИНЕМАТОГРАФЕРОТ НА СПИЛБЕРГ, КАМИНСКИ, ДОГОДИНА ЌЕ ДОЈДЕ ВО БИТОЛА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По Кан, Карлови Вари и Локарно, и Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола годинава го откажа физичкото издание поради пандемијата на ковид-19.

Место повеќе денови со богата програма и гости, Управниот одбор на Друштвото на филмски работници на Македонија одлучи фестивалот да се одбележи само еден ден со повеќе онлајн активности. На 19 септември, во Битола ќе има централен настан со говори и доделување на две почесни награди: Златна камера 300 за Јануш Камински, кинематограферот на легендарниот Стивен Спилберг и двоен оскаровец и Голема ѕвезда на македонскиот филм на Столе Попов.

Според филмскиот критичар и селектор на фестивалот Благоја Куновски-Доре, Камински има добиено два oскара, за „Шиндлеровата листа“ и за „Спасувањето на војникот Рајан“, а како кинематографер работел на седум филмови на Спилберг кои биле номинирани за Оскар за најдобар филм. Самиот тој има уште четири номинации за оскар. Камински догодина ќе дојде во Битола да ја прими наградата.

Попов ја почнал филмската кариера со краткиот документарец „Оган“ во 1974, а неговиот краток документарен филм „Дае“ беше номиниран за оскар во 1980 година. Од 1981 снима играни филмови и досега има реализирано пет долгометражни наслови: „Црвениот коњ“, „Среќна Нова ‘49“, „Тетовирање“, „Џипси меџик“ и „До балчак“.

Б. НЕСТОРОСКА