КОМЕДИЈАТА „НЕШТО СЛАТКО“ ЌЕ СЕ ПРИКАЖУВА ВО ПОВЕЌЕ ГРАДОВИ НИЗ ЗЕМЈАВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Словенечката романтична комедија „Нешто слатко“ со Сашко Коцев и Јелена Јованова-Периќ во главните улоги ќе игра во повеќе градови низ земјата.
Утре филмот ќе игра во Пробиштип во Домот на култура „Злетовски Рудар“ и во Демир Хисар во Домот на култура „Илинден“. Во Прилеп, проекции ќе има на 25 и 26 септември во Домот на култура „Марко Цепенков“, а во Свети Николе во Домот на култура „Крсте Мисирков“ на 28 септември. Истиот ден, „Нешто слатко“ ќе игра и во Кичево, а во Кратово на 30 септември. Во Охрид, филмот ќе игра во Центарот за култура „Григор Прличев“ на 4 и 5 октомври. Дополнително ќе се објават датумите за Кавадарци, Богданци  Валандово, Крива Паланка и Куманово, каде што филмот ќе се прикажува следниот месец. На крајот од месецов и на почетокот на октомври филмот ќе игра и во скопското кино „Милениум“.
Режисер е Тин Водопивец, познат стенд-ап комичар од Словенија, а Коцев, еден од најангажираните актери во македонскиот театар, е копродуцент и косценарист заедно со Уршка Мајдич. Коцев се потпишува и како кастинг-директор. Македонски партнер е „Процес К продукција“. Филмот досега го гледале повеќе од 7.000 луѓе.