Таа знае да пее, но дали знае да глуми?

Критичарите се согласни дека нова актерска ѕвезда е родена, откако на Венецискиот филмски фестивал се одржа светската премиера на „Ѕвезда е родена“, режисерското деби на Бредли Купер, кој исто така ја внесува поп дивата Леди Гага во сериозните актерски води.

Музичката драма доби осумминутни овации од публиката по завршувањето на проекцијата, која во еден момент беше прекината на десетина минути поради удар на гром, но и одлични критики од медиумите.

За пошироката јавност, Леди Гага е позната по своите екстравагантни настапи, мода и изглед. Затоа, таа е речиси непрепознатлива во улогата на Ели, обичната девојка која речиси се откажува од музичката кариера, кога добива помош од рок ѕвездата Џексон (Бредли Купер).

Познавајќи ја Леди Гага, ова е како првпат да ја гледаме. Таа моментално ве уверува во нејзиниот лик на Ели како непознат талент, иако е веќе една од најуспешните светски пејачки“, напиша Мајкл Нордин од сајтот „Индиваер“.

Со сцени снимани на големите фестивали „Гластонбури“ и „Коачела“, сите песни се изведени во живо, со што талентот на Леди Гага доаѓа до полн израз. Таа е трета музичка дива која се најде во оваа улога, но притоа не можеше да има потешка задача, бидејќи одеше по стапките на Џуди Гарланд и Барбра Стрејсенд.

Гардијан“ ја опиша нејзината глума како „сензационално добра“, а „Холивуд рипортер“ ја пофали хемијата што постои помеѓу Гага и Купер.

Филмот доаѓа во кината на 8 септември и му се предвидува голем успех во сезоната на награди.