МАКЕДОНСКАТА ПРЕМИЕРА НА ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „НОВ БРАН – 40 ГОДИНИ ПОДОЦНА“ ВЕЧЕРВА ВО КИНОТЕКАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Музичкиот документарен филм „Нов бран – 40 години подоцна“ ќе има македонска премиера вечерва во летното кино на Кинотеката (20 часот), со која почнуваат деновите на издавачката куќа „Кроација рекордс“ во Македонија.

Никола Кнежевиќ, музичкиот уредник во „Кроација рекордс“, го направи филмот по повод 40 години од излегувањето на албумот „Пакет аранжман“, едно од најзначајните музички изданија во поранешна Југославија, со кој се поврзува почетокот на движењето Нов бран. Филмот вклучува низа интервјуа што Кнежевиќ и српската новинарка Олга Кепчија ги направија со преживеаните сведоци на тоа време.

Во чест на јубилејот, „Кроација рекордс“ реиздаде на плоча уште три култни албуми од Новиот бран: „Бистрији или тупљи човек бива кад…“ на „Шарло акробата“ и истоимените деби албуми на „Хаустор“ и „Електрични оргазам“.