ФЕСТИВАЛОТ НА АНТИЧКА ДРАМА ЗАВРШУВА СО БОСАНСКО-МАКЕДОНСКАТА ПРЕТСТАВА „ОТЕЛО“

Велес, (СМАРТ.СДК МК)

Со доделувањето на наградите вечерва (20 часот) се затвора Фестивалот на античка драма „Стоби“. Во чест на лауреатите ќе биде изведена претставата „Отело“ на македонската режисерка Нина Николиќ, копродукција на Македонски народен театар и Босанско народно позориште од Зеница.

Затворањето е на сцената на Велешки театар. Жирито во состав Васил Зафирчев, Кети Борисовска и Роза Трајчевска ќе одлучува за наградите за најдобра претстава, режија и за машка и женска улога.

„Отело“ се игра во проза на македонски и босански јазик и секој од актерите игра на својот мајчин јазик. Шекспировата трагедија премиерно беше изведена во ноември 2019 во Зеница, а пред скопската публика на 4 декември истата година.

Во претставата играат Енес Салковиќ, Саша Ханџиќ, Дарија Ризова, Ѓорѓи Јолевски, Златан Шкољиќ, Александар Ѓорѓиески, Џенана Џаниќ, Тамара Миличевиќ- Стилиќ, Александар Михајловски и Аксел Мехмед. Сценографијата е на Вишња Вујовиќ, костимографка е Ивана Каранфиловска-Угуровска, а автор на музиката е Дуке Бојаџиев.

П. ПЕЧКОВ