Војвотката од Сасекс ќе го позајми гласот за нов филм на „Дизни“, кој го следи патувањето на семејство слонови низ пустината Калахари во јужна Африка. Тоа ќе биде нејзин прв работен ангажман откако неодамна се осамостои од британското кралско семејство.

Документарниот филм „Слон“ ќе биде објавен на стриминг платформата „Дизни+“ на 3 април, три дена откако на Меган и принцот Хари и официјално ќе им завршат кралските задолженија.

Филмот го следи неверојатното, 1.600 километри долго патување на едно семејство низ Африка, авантура која засекогаш ќе им го промени животот“, соопшти „Дизни“.

Хари и Меган, која е поранешна актерка, во 2017 година ја посетија Боцвана, една од трите земји опфатени со пустината Калахари за да ѝ помогнат на организацијата „Слонови без граници“.