МОРАВ ДА ГО ЗАПОЗНААМ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ КОЈ ВОЗИ ТРАКТОР, ВЕЛИ КУСТУРИЦА ЗА ФИЛМОТ ЗА ХОЗЕ МУХИКА

Венеција, (АФП)

Поранешниот претседател на Уругвај, Хозе Мухика Пепе, познат како најскромен лидер во светот и кој одвојува 90 отсто од неговата пензија за хуманитарни цели, деновиве е ѕвезда на Венецискиот филмски фестивал.

Осумдесет и тригодишниот Мухика, кој беше претседател од 2010 до 2015, беше баран за автограми и фотографирања исто како и холивудските ѕвезди на премиерата на документарецот „Ел Пепе, врховен живот“ на српскиот режисер Емир Кустурица.

„Јас не сум ѕвезда. Тука сум само затоа што мојот пријател Кустурица ме замоли“, рече скромно Мухика, облечен во едно од двете одела кои ги поседува.

Тој сега живее на мала фарма надвор од Монтевидео и одгледува зеленчук.

Во филмот има и сцени од 2015 година, кога заврши неговиот мандат и кога 150.000 граѓани излегоа на улиците да го поздрават лидерот кој ја намали сиромаштијата во земјата од 40 на 12 проценти.

„Обично луѓето излегуваат на улица за да се ослободат од политичарите. Ние не сме навикнати политичарите да бидат инспирација. Затоа морав да се запознаам со претседателот кој вози трактор и самиот го поправа“, рече режисерот роден во Сараево, кој претходно сними филм за аргентинската фудбалска легенда Марадона.