„Дизни“ ја одржа премиерата на својот нов филм „Мулан“ пред 3.400 гости во Лос Анџелес, игнорирајќи ја кризата со ширењето на коронавирусот, со кој веќе се заразени над 1.000 луѓе во САД.

Со буџет од 200 милиони долари, римејкот на истоимениот анимиран филм од 1998 година е најскапиот филм досега режиран од жена. Историјата ја испиша Новозеланѓанката Ники Каро, која зад себе има два филма со номинации за оскар.

„Се надеваме дека борбениот дух на Мулан ќе биде инспирација за светот во овие тешки времиња. Нашите срца се со сите во Кина и другите земји погодени од коронавирусот“, изјави Каро.

Насловната хероина Хуа Мулан ја игра кинеско-американската актерка и модел Јифеи Лиу, која има потекло токму од Вухан, град кој важи за епицентар на заразата.

„Јас сум во САД веќе неколку месеци, додека мојот град е во целосна блокада. Во Вухан живее баба ми, но таа е добро“, изјави Лиу, која блесна на премиерата во гламурозниот фустан на Ели Саб.

„Мулан“ доаѓа во светските кина на 27 март.