НА ЏОРДАН ПИЛ МУ УСПЕА СО ДВА ХОРОРИ ДА СТАНЕ СУПЕРЅВЕЗДА ВО ХОЛИВУД

Њујорк, (АП)

Џордан Пил повторно успеа. Две години откако неговиот дебитантски филм „Бегај“ стана сензација и освои оскар за најдобро сценарио, и „Ние“, вториот хорор на еден од најжешките нови режисери во Холивуд, ги надмина очекувањата, заработувајќи 70 милиони долари во првиот викенд од прикажувањето во Северна Америка, односно 87 милиони на глобално ниво. Тоа е најдоброто деби за оригинален хорор филм и едно од најдобрите отворања за оригинален игран филм од „Аватар“ пред десет години.

„Пил создаде исклучителна приказна, за која мислам дека повторно ќе го долови духот на времето. Тој е препознат како неверојатен талент. Тој создава филмови што ќе ве замислат, кои се добро напишани и одглумени и неверојатно забавни“, вели Џим Ор, шефот на дистрибуцијата во студиото „Јуниверзал“.

Во филмот што ја доби Р-ознаката, оскаровката Лупита Нјонго и Винстон Дјук играат сопружници, чие семејство е тероризирано од група зли двојници. Филмот беше направен за 20 милиони долари, со што го повторува успехот на „Бегај“, кој заработи 255,4 милиони долари, 56 пати повеќе од својот буџет.

„Џордан Пил е новиот Клинт Иствуд. Денес е многу тешко за еден режисер да стане суперѕвезда, а Пил успеа во тоа. Тој направи бренд од своето име со само два филма зад себе. Тоа е неверојатно и такво нешто не се случува“, вели угледниот филмски критичар Пол Дергарабедијан.

Освен со „Ние“, Пил овој период е актуелен и со новата верзија на култната серија „Зоната на самракот“, чии први епизоди ќе се емитуваат на 1 април.

„Ние“ ќе игра во Синеплекс од 27 март.