НА МАРК РАФАЛО ПО ТРЕТПАТ МУ СЕ ИСПУШТИЈА ДЕТАЛИ ЗА ФИЛМ НА МАРВЕЛ

Лос Анџелес, (Индипендент)

Марк Рафало, кој во франшизата „Одмаздници“ ги игра д-р Брус Банер и неговото алтер-его Хулк, веќе неколку пати има откриено детали за филмовите: една година пред премиерата го откри крајот на „Одмаздници: војна на бесконечноста“, а на денот на премиерата на „Тор: Рагнарок“, во стриминг во живо ги објави неговите први 15 минути.

Гостувајќи во шоуто на Џими Фелон, глумецот не само што откри неколку клулни детали за „Одмаздници 4“, туку го објави и насловот, „Одмаздници: уништување“.

По гостувањето кај Џими Фелон, Рафало на Твитер напиша:

„Се надевам дека ќе го извадите делот со мојот лапсус. Тоа беше неофицијално. Ве молам, не сакам повторно проблеми со Марвел“, на што Фелон му врати дека веќе е доцна.

На целата шега се надоврзаа и режисерите Ентони и Џо Русо, кои напишаа дека „веќе не им се потребни услугите од Марк Рафало“.