НИКОЈ НЕ СЕ ПОДГОТВУВА ЗА УЛОГА КАКО ДАНИЕЛ ДЕЈ-ЛУИС

Лондон, (Гардијан)

Даниел Деј-Луис ги шокираше сите кога објави дека претстојниот филм на Пол Томас Андерсон „Фантомска нишка“, што излегува на 25 декември, ќе му биде последен во кариерата, иако има само 60 години.

Она што го издвојува Деј-Луис од останатите актери не се само трите оскари за главна улога, туку и неговата посветеност кон улогите и темелната и методична подготовка за нив.

„МОЕ ЛЕВО СТАПАЛО“: За да навлезе во ликот на писателот и сликар Кристи Браун, кој боледуваше од церебрална парализа, Деј-Луис помина осум недели во клиника во Даблин, каде што го проучуваше однесувањето на пациентите и притоа цело време зборуваше со неговиот акцент. Исто како и Браун, и тој научи да пишува и слика со левото стапало.

За време на снимањето не стана од инвалидската количка и инсистираше други да го хранат.

Сето ова на крајот му се исплатеше, бидејќи оваа улога му го донесе првиот оскар.

„ПОСЛЕДНИОТ МОХИКАНЕЦ“: За улогата на мајорот Нетениел По, живееше во дивина, при што научи да следи траги од животни, дере кожа, гради кану и да користи пушка и томахавк.

„ВО ИМЕТО НА ТАТКОТО“: За улогата на Гери Конлон ослабна 25 килограми и помина 48 часа во затворска ќелија без храна и вода, барајќи да го испрашуваат како да е вистински затвореник.

„СУРОВОСТ“: Играјќи лик на фармер од 17. век, тој не се миеше за време на снимањето и помогна да се изгради дрвена куќарка со алат што се користел во тоа време.

„БОКСЕР“: Година и пол тренираше со професионален тренер и кажа дека потоа без проблеми би можел да настапува во средна категорија.

„БАНДИТЕ НА ЊУЈОРК“: Научи месарски занает, стана врвен фрлач на ножеви и постојано се караше со сите, за да се соживее со улогата на Бил Месарот. Кога се разболе, одбиваше да носи потопол капут, затоа што таков немало во 19. век.

„ЌЕ ИМА КРВ“: За улогата што му го донесе вториот оскар, Деј-Луис научи да користи опрема за вадење нафта од 19. век, измисли нов глас и на моменти вистински полудуваше како ликот Даниел Плеинвју.

„ДЕВЕТ“: Глумејќи италијански режисер, 24 часа на ден зборуваше со италијански акцент.

„ЛИНКОЛН“: Ги проучи сите можни книги за овој американски претседател за да дознае каков му бил гласот.

„ФАНТОМСКА НИШКА“: Бидејќи глуми кројач, успеа и тоа да го усоврши, па направи сопствен фустан за „Баленсијага“.