ШЕНЏЕН САКА ДА БИДЕ ГЛОБАЛЕН ЛИДЕР НА ПОЛЕТО НА ДИЗАЈНОТ

Пекинг, (Гардијан)

Кинескиот мегаград Шенџен со голема брзина се развиваше во последните 35 години и со новоотворениот Центар за уметност и култура „Морски свет“ ќе се обиде да влијае врз културниот живот, како што тоа му успеа во индустријата претходно.

Шенџен е граничен град, технолошки и фабрички центар и нешто што холандскиот архитект Рем Колхас го нарече „генерички град“, поради неговата способност да ја менува формата низ годините.

Овој град во 1980 година имаше само 30.000 жители, а денес, оваа бројка изнесува речиси 12 милиони. Шенџен е најбогатиот град во Кина, отворен за експерименти во дизајнот и новиот Центар за уметност и култура, проектиран од добитникот на Прицкеровата награда, Фумихико Маки, не е исклучок. Неговата мисија е да покрене нова револуција во дизајнот во Кина и токму на оваа тема ѝ е посветена првата изложба.

Шенџен е град отворен за експерименти во дизајнот. – Музејот на современа уметност (Фото: Гети)

„Шенџен е родното место на модернизацијата на Кина во последните 40 години. Некогаш ‘фабрика на светот‘, Шенџен сега е метропола со илјадници производствени и дизајн компании, кои ја делат амбицијата изразот ‘направено во Кина‘ да се промени во ‘креирано во Кина‘. Тука постои силна амбиција градот да стане глобален играч на полето на дизајнот, кој е неговата водечка сила“, вели Луиза Мењони, директорка на галеријата „ВА“.